Милан Ристовски по три сезони си замина од Бохемијанс!

Македонскиот репрезентативец, Милан Ристовски, повеќе не е фудбалер на чешкиот прволигаш Бохемијанс Прага 1905. Клубот официјално потврди дека соработката со 27-годишниот напаѓач завршува по истекот на договорот, а Ристовски си заминува како слободен играч.

Во емотивната објава, Бохемијанс му се заблагодари на македонскиот офанзивец за придонесот во изминатите три сезони, посакувајќи му многу среќа во продолжението на кариерата.

Ристовски во дресот на „кенгурите“ одигра 69 првенствени натпревари, а во последната сезона постигна пет погодоци. Со своите настапи беше важен дел од тимот во чешката елита и остави добар впечаток кај навивачите.

Засега не е познато каде македонскиот интернационалец ќе ја продолжи кариерата, но по разделбата со Бохемијанс ќе биде во потрага по нов клуб како слободен агент.