ВИДЕО: Милан одново на врвот, Златан со два гола го отпиша Наполи на Елмас

Милан се врати на врвот на Серија А по победата во дербито на гостински терен кај Наполи (1-3) во осмото коло од италијанското првенство.

  • Извештај од натпреварот: 

Златан Ибрахимовиќ одново беше човек на одлука, овојпат со два нови гола. Со истите шведскиот голгетер му побегна на Кристијано Роналдо и со десет погодоци сега е сам на врвот на листата стрелци во новата сезона.

Гостите се израдуваа на првата реализација по одличниот центаршут на Тео Хернандез. Уште поубава беше реакцијата на Ибрахимовиќ кој од далечина со глава го матира Мерет.

Швеѓанецот вторпат ја казни одбраната на Џенаро Гатузо на стартот од вториот дел. Овојпат стигна до една топка на подалечната статива и ја смести во мрежата на Наполи. Тоа донесе сигурна предност за „росонерите“, кои дозволија да примат еден погодок до крајот на натпреварот.

По една мешаница пред голот на Џанлуиџи Донарума, реализира Дриес Мертенс за да донесе надеж кај домашните фудбалери. Сепак, Тимуе Бакајоко го расипа славјето неколку минути подоцна, кога заработи втор жолт картон и го заврши својот настап.

Во игра влезе Андреа Петања кој пропушти шанса да го шокира Милан. Неговиот силен удар одеше по средината на голот, па гостинскиот голман немаше проблеми да спречи опасност. Ељиф Елмас доби минутажа во последните моменти од денешното соочување со ривалот од Милано, кога го замени Фабиан Руиз.

За да нема дилеми околу победникот, во надополнувањето погоди и Хауге за конечни 1-3 во корист на фудбалерите на Стефано Пиоли.