Милан Илоски ги затвори сите можности да заигра за Македонија!

Милан Илоски (27), напаѓачот роден во САД со македонско потекло, ги затвори сите шпекулации и јасно стави до знаење дека во иднина сака да го носи дресот на Соединетите Американски Држави.

Фудбалерот кој оваа сезона блеска со одлични настапи и веќе има постигнато 16 голови во МЛС-лигата, од кои девет во серијата од 12 натпревари без пораз на Филаделфија Унион, проговори за можноста еден ден да настапува на репрезентативно ниво.

„Конкурентен сум. Сите знаат дека сум конкурентен. Секогаш се туркам себеси кон највисокото можно ниво. Се гледам себеси како дел од репрезентацијата на САД во одреден момент. Ја сакам оваа земја и би ми претставувало огромна чест да ја претставувам.“, изјави Илоски.

Оваа изјава доаѓа откако селекторот на македонската репрезентација, Гоце Седлоски, се обиде да го убеди напаѓачот да го облече дресот на Македонија. Сепак, Илоски не се одзва на повикот, а неговите последни зборови јасно укажуваат дека во моментов неговата желба е да настапува за селекцијата на Соединетите Американски Држави.

Напаѓачот игра во одлична форма и со своите настапи привлекува сѐ поголемо внимание, а останува да се види дали во иднина ќе добие повик од американската репрезентација.