• Иван Димовски
Екипата на Милан на коло пред крајот на Серија А го осигура местото во Лигата на шампионите, откако го победи директниот конкурент Јувентус во Торино (0-1) и го отпиша од трката.
Покрај тоа, добра вест за навивачите доаѓа и на темата трансфери. Имено, добро упатениот Фабрицио Романо, меѓутоа и доста италијански извори пишуваат за Даичи Камада. 26-годишниот офанзивен играч за врска веќе има вербален договор со „росонерите“, па се очекува тој да биде првата летна аквизиција.
Камада би требало да потпише до јуни 2028 година. Тој доаѓа како слободен фудбалер, откако му истече договорот со Ајнтрахт Франкфурт. Сезоната во Германија веќе заврши и Камада треба да го одигра финалето на Купот, ама се пишува дека медицинските прегледи во Милано се планирани за следната седмица по крајот на калчо-сезоната.
Во редовите на Ајнтрахт, јапонскиот репрезентативец одигра 178 натпревари, на кои постигна 40 погодоци и запиша 33 асистенции. Се очекува Камада да биде замената за Брахим Диаз кој по истекот на позајмицата се враќа во Реал Мадрид.