Милан единствен можеше да бира дали првото четвртфинале ќе го игра дома или во гости!

Денес во Нион се одржа ждрепката за четвртфиналето на Лигата на шампионите, а дознавме и кој со кого би можел да се сретне во полуфиналето. Реал Мадрид како бранител на титулата игра со Челзи, а победникот од тој дуел ќе се соочи со победникот од двомечот кој многумина го нарекуваат финале пред финалето и во кој се среќаваат Баерн и Манчестер Сити.

На другата страна на ждрепката има дури три италијански и еден португалски тим. Милан и Наполи играат еден против друг. Станува збор за пресметка меѓу поранешниот и очигледно новиот шампион на Италија, а таа земја гарантирано ќе има барем еден претставник во полуфиналето.

Интер ќе ја има улогата на барем благ фаворит против Бенфика. Не е исклучено и миланското дерби на прагот на финалето, но Наполи и Бенфика дефинитивно се тимови кои лесно можат да се најдат таму. Бидејќи Милан и Интер беа извлечени како домаќини и играат на ист стадион, Милан како актуелен шампион во Серија А имаше предност да избере дали ќе го одигра првиот натпревар на „Сан Сиро“ или ќе гостува во Неапол. На веб-страницата на УЕФА веднаш беше променета одлуката за двојката Интер - Бенфика, а на првиот меч се наведува дека Интер ќе гостува, што автоматски значи дека „росонерите“ избрале прво да играат на „Сан Сиро“, а да бидат гости во реваншот.

Првите четвртфинални натпревари во Лигата на шампионите се закажани за 11 и 12 април, а реваншите ќе се играат само седум дена подоцна, на 18 и 19 април.