Мијатовиќ по „кам-бекот“ во Партизан: Мака ми е да ги гледам титулите на Звезда!

„Реконструкцијата“ во Партизан продолжува. Белградскиот гигант најпрво го постави Саво Милошевиќ за нов тренер на првиот тим, а денес го објави и „кам-бекот“ на легендарниот фудбалер на „црно-белите“, Предраг Мијатовиќ. 

Црногорецот се враќа во клубот каде вистински блесна на почетокот од кариерата, а овој пат ќе има важна улога во Управниот одбор, кој ќе има задача да го врати славниот клуб на победнички патеки. Мијатовиќ изјави дека најпрво ќе работи од Шпанија, каде живее подолго време, но кога ќе има потреба ќе доаѓа во Белград и ќе се обиде да помогне „од прва рака“.

„Мора да го завршиме ремонтот и да си ја поправиме фасадата. Звезда освои седум титули во низа, а нејзиното учество во Лигата на шампионите е мачно за сите фанови на Партизан. Не можам да се задоволам со ваквата слика, затоа решив да се обидам да помогнам. 

Најпрво ќе работам од Шпанија, но постојано ќе имам комуникација со сите во клубот. Ќе доаѓам кога ќе биде потребно и од прва рака ќе се обидеме да ги средиме работите. Не знам дали ќе ја исчистиме целата куќа од злото, но мора да ги имаме потребните средства за исполнување на мисијата“, оптимистички рече Мијатовиќ. 

Партизан во моментов е во незавидна ситуација во домашното првенство, каде има огромно заостанување зад најголемиот ривал. „Црно-белите“ имаат само 20 бода, додека Црвена Звезда има дури единаесет повеќе.