• Горан Упале
Фудбалерите на Болоња забележаа рана елиминацијата од Купот на Италија од второлигашот Тернана. Тимот на српскиот тренер Синиша Михајловиќ во еден момент губеше со убедливи 5-1, а до крајот на мечот успеа само да се избори за пристоен пораз од 5-4.
Поради лошата партија и елиминацијата Михајловиќ мораше да им се извини на јавноста и навивачите на Болоња.
„Ова е срам за сите нас и морам да им се извинам на навивачите и на целиот клуб. Со сета почит кон Тернана, ние не смеевме да загубиме вака. Ова треба да го разбереме како повик да се разбудиме и да бидеме подобро концентрирани во продолжението на сезоната, бидејќи сега не можеме да го вратиме времето“, рече 52-годишниот стратег.
Болоња новата сезона во Серија А ја започнува в недела, 22 август, на својот стадион „Ренато Дал Ара“, а ривал на „црвено -сините“ ќе биде Салернитана.