Михајловиќ остана без напаѓач, па Болоња ќе тргне по хрватската легенда

Екипата на Болоња остана без својот напаѓач Федерико Сантандер, кој се повреди во Копа Италија и ќе паузира најмалку четири месеци. 

Предводникот на овој тим, Синиша Михајловиќ веднаш реагирал и побарал од управата да му доведе ново име, а бидејќи трансфер периодот веќе е завршен, ќе мора да се свртат кон слободните агенти. 

Според пишувањето на Џанлука ди Марцио, во Болоња би можел да пристигне прославениот хрватски напаѓач, Марио Манџукиќ. Угледниот новинар смета дека Манџукиќ не би имал против враќање во Серија А, во главно бидејќи не пронајде нова средина летово. 

Поранешниот играч на Јувентус, Атлетико Мадрид и Баерн Минхен замина од Ал Духаил по само шест месеци, летово преговараше со повеќе тимови како Вест Хем, Астон Вила, Фиорентина и Беневенто, а беше пред комплетирање на соработка со Локомотив Москва, ама работата се изјалови.