• Горан Упале

Фудбалерите на Беса одиграа уште еден контролен натпревар во подготвителната фаза и со убедливи 4-1 славеа во соочувањето со Брегалница. Новиот тренер на тимот, Горазд Михајлов, не го криеше задоволството од триумфот на своите избраници и истакна дека Беса подготвена ќе го пречка вториот дел од сезоната во ПМФЛ.
„Со оглед на тоа што сме во подготвителна фаза, задоволен сум пред сè од резултатот. Во играта има уште неколку работи да се подобрат. Имаме уште две недели до почетокот на првенството и мислам дека ќе бидеме максимално подготвени. На овој натпревар игравме со комбиниран состав, и шанса добија сите фудбалери. Она што ме радува е фактот што од негатива успеавме да се вратиме, постигнавме четири гола и имавме уште неколку неискористени шанси. Фудбалерите максимално го одработија денешниот натпревар. Ни претстои уште еден контролен натпревар, против шампионот Струга Трим Љум и верувам дека подготвени ќе го дочекаме вториот дел од сезоната.
Во последниот контролен натпревар Беса ќе се сретне со Струга Трим Љум, а пролетната полусезона ќе ја започне на гости кај Воска Спорт.