Михајлов: Важно беше да не се загуби, сметам дека не разочаравме

Кратовски Силекс со реми на домашен терен (1-1) против Петрокуб стартуваше во Конференциската лига на УЕФА, а по натпреварот, тренерот Горазд Михајлов ги сподели импресиите од натпреварот во Скопје.

Новиот предводник на кратовчани кои како Куп-освојувачи дојдоа до европско лето, истакна дека е задоволен од играта на својот тим на првиот натпревар и потенцира дека во Молдавија ќе се оди на успех кој би бил голем чекор напред во Силекс.

„Честитки за играчите за прикажаното, навистина игравме во едни тешки услови. Меѓутоа, тоа беше исто како за нас така и за противникот. Знаевме што нè чека, токму од она кое се плашевме, така го примивме голот. Го изненадивме противникот со брзо водство, но еден гол пред крајот на првиот дел ги промени работите.

Во вториот дел немавме некоја изгледна шанса, но да не заборавиме дека во првиот дел имавме добри шанси да го решиме натпреварот. Сепак, се работи за еден ривал кој играше деведесет минути. Сметам дека не разочаравме, имаме активен резултат. Важно беше да не се загуби.

Знаете каква е ситуацијата во Силекс по испаѓањето. Овој тим трет натпревар беше заедно, за разлика од ривалот кој четири години е заедно. Лично, задоволен сум од прикажаното и од резултатот. Да ми кажеше некој дека во четврта минута ќе дадеме гол, ќе потпишев со две раце, ако имаме предвид каква екипа е Петрокуб, примила само 16 гола на 36 натпревари, показател за добрата одбрана, како и за нападот на противникот кој дал 83 гола. Реваншот ќе биде добра шанса за овие играчи “, изјави Михајлов.

Од заменетите играчи, Михајлов соопшти дека нема повреди, туку се работи за тактички промени. Реваншот меѓу Петрокуб и Силекс во Молдавија е закажан на 15 јули.