Михајлов: Силекс сака експресен кам-бек во ПМФЛ, а Европа е предизвик

Силекс под палката на Горазд Михајлов работи активно и се подготвува за главната цел, тоа е експресно враќање во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Предводникот на кратовчани кој последен пат го водеше Борец најави дека се размислува само на кам-бек во елитата, затоа што Силекс го заслужува тоа.

„Прва цел ни е враќање во ПМФЛ, затоа сум и тука. Се консолидираме со екипата и играчите, нашите зацртани цели се да направиме еден тим кој би бил компетентен во лигата и да го вратиме Силекс во ПМФЛ, а и во Европа да се покажеме во добро светло. Работите течат засега во најдобар ред, желбата кај сите во Кратово е Силекс да се врати на своето место. Имаме пет нови имиња, во тек се преговори со уште играчи. Бараме квалитетни играчи со кои ќе го пополниме ростерот за настапот во ВМФЛ и ќе имаме солидна екипа за двомечот со Петорул од Молдавија во Европската лига“, ни изјави Михајлов.

Предводникот на кратовчани направи анализа на противникот од Молдавија. Вели дека се работи за тим кој со години е заедно и го оцени како колектив кој не се менува премногу често.

„Се работи за една стандардна екипа во молдавското првенство. Четири години играат скоро во истиот тим. Не прават рапидни промени. Во текот на целата сзона, еднаш во годината, менуваат двајца до тројца играчи и пополнуваат она што им фали, а некогаш не го прават и тоа. Можеби е блага прадност што не знаат многу за нас, ние сме екипа која прави рестарт и која се екипира во моментов, додека кај нив тие се играчите. На првиот меч сме домаќини, сакаме да се претсавиме што е можно подобр, истото важи и за македонскиот фудбал. Но сигурно е дека приоритет ни е ПМФЛ, а ова само по себе е предизвик“, додаде тренерот.

Доколку Силекс ги изненади Молдавците, во следната фаза чека двомеч со турски Сиваспор.

„Секако дека ќе мотивира и двомечот со Сиваспор. Од сите четири екипи најдобро ќе беше евентуален ривал во второ коло да биде Сутјеска, ако гледаме според противниците, плус поблизок балкански. Добро е што не се паднаа Широки Бријег и МОЛ Фехервар. Добро тренираме, недела дена работиме активно, па ќе видиме што ќе биде“, заклучи Михајлов.

Подготовките Силекс ќе ги има во Охрид, каде заминува на 23 јуни. Таму ќе се одиграат и две контролни средби, против албанска Теута (24 јуни) и Лачи (28 јуни). Михајлов веќе го има и стручниот штаб, таму се Марјан Мицков како асистент, Сашо Ристовски како кондициски тренер, а Новица Динески е тренер на голманите. Во Силекс има и спортски директор, тоа е некогашниот репрезентативец Стевица Ристиќ.