• Мартин Танасковски

Екипата на Силекс од Кратово во полуфиналето од Купот на Македонија ја доби Струга Трим Љум за ривал. Тренерот Горазд Михајлов ја коментира ждрепката и се надева на нов успех во Купот и трето финале по ред во низа за тимот.
„Ждрепката посака да ни се падне да играме со Струга. Се игра еден натпревар во кој се е можно со оглед на тоа што годинава играме квалитетно на гостински терен. Можеби и добро е што играме во Струга. Сепак, тие се фаворити на хартија, а ние ќе покажеме на терен дека сме квалитетни и верувам во успех и трет последователен пласман во финалето“, ни изјави Горазд Михајлов по ждрепката.
Од сите екипи, само Струга Трим Љум е без Куп-титула. Лидерот во ПМФЛ ќе брка прво одличје и воедно прв трофеј во историјата откако се пласира во елитниот ранг на македонскиот фудбал. Силекс зад своето име има три трофеја во Купот (1994, 1997, 2021).
Во полуфиналето се игра еден натпревар, дуелите се закажани на петти април. Во втората полуфинална двојка се соочуваат Шкендија и бранителот на тронот Македонија ЃП.