Михајлов: Самите сме си виновни за поразот, Вардар го оствари она по кое дојде

Горазд Михајлов, стратегот на Борец од Велес, по поразот од Вардар (0-2) не можеше да биде задоволен од играта во нападот на својот тим и многуте пропуштени шанси. Неколку нереализирани зицери и статива е епилогот на овој меч кога ќе се погледне играта на велешани.

„Ние не ги искористивме шансите, а Вардар не казни. Честитки за противникот за победата. По тоа што дојде Вардар, си го оствари. Самите сме си виновни за поразот, не дадовме гол кога бевме надмоќни во првиот дел. На отворањето на вториот дел Вардар имаше иницијатива, па ние пак ја презедовме играта и пак имавме шанси. По таа статива, веќе психолошкиот момент исплива на површина и беше тешко. Мора да ја поправиме реализацијата, имаме добра игра, ама фали завршницата. Штета е што загубивме. Ама, остануваме на нозе, следат за нас нови мечеви и гледаме кон преостанатите шест кола во оваа полусезона“, ни изјави Михајлов.

За Борец ова беше прв домашен неуспех во новата сезона. Тимот котира високо на табелата, а во следната рунда ќе гостува кај Ренова од Џепчиште.