• Горан Упале
Македонскиот стратег Горазд Михајлов е нов шеф на стручниот штаб на првиот тим на Брера Струмица. Струмичкиот клуб, само два дена од разделбата со српскиот тренер Бојан Круљ, довербата му ја довери на искусниот Михајлов, кој во последниот период беше на чело на Вардар и Силекс.
По доаѓањето во новиот клуб, Михајлов му се заблагодари на раководството на Брера и најави дека тимот ќе игра допадливо и ќе го дава максимумот на секој натпревар.
„Прво сакам да ѝ се заблагодарам на најголемата фудбалска легенда Горан Пандев, и после неколкудневни разговори ја прифатив понудата да бидам тренер на Брера. Благодарност до нивната доверба, и верувам дека ќе успееме да ја вратиме екипата на она посакувано место каде што сите очекуваат да биде.
Ја познавам екипата, затоа што со Вардар гостував тука и загубивме пред еден месец. Екипата е спој на искуство и младост, и тоа треба да го сплотиме и да го ставиме во функција за понатамошниот дел од првенството. Можеме да очекуваме деке ќе дадеме максимум на секој натпревар, дека ќе се трудиме да ја подобриме играта на Брера и верувам дека публиката ќе ужива. Познат сум по тоа што форсирам млади играчи и офанзивен фудбал и така ќе биде и тука“, изјави Михајлов.
Новиот тренер пред себе има доволно време да ја подготви својата екипа за првиот натпревар по репрезентативната пауза против Беса.