Михајлов: Полека го „градиме“ новиот Вардар, ќе го вратиме каде што му е местото

Најтрофејниот македонски клуб, Вардар, ги привршува подготовките за новата сезона и со мислите е насочен кон настапите во Првата фудбалска лига, каде ќе има големи амбиции и очекувања. 

„Црвено-црните“ ја совладаа Каменица Саса со 0-1 на последниот контролен натпревар, а тренерот Горазд Михајлов изрази голем оптмизам за предизвиците кои претстојат за скопската гордост. 

„Одигравме колку што можевме, со оглед на ситуацијата. Во тимот владееше стомачен вирус и моравме да комбинираме со 17-18 играчи. Задоволен сум од играта во второто полувреме, додека во првите 45 минути не бевме на потребното ниво. 

Летово малку доцневме со подготовките, но потоа одигравме неколку квалитетни мечеви и мислам дека ќе ја подобруваме формата со самиот тек на првенството. Амбициите ни се големи, оваа сезона ќе биде многу поинаква од минатата, кога се боревме за опстанок и работевме скоро без никакви средства. 

Градиме нов Вардар, кој повторно ќе се врати на големите успеси и победничките патеки. Имаме повеќе нови играчи кои мора постепено да се воиграат, но ќе одиме чекор по чекор и мислам дека ќе бидеме на потребното ниво“, вели стратегот на вардарци. 

Вардар ќе ја започне новата сезона во ПМФЛ со гостувањето кај Брера Струмица, кое е закажано за единаесетти август, со почеток во 17:00 часот.