• Саше Љолес
Предводникот на Брера Струмица, Горазд Михајлов, изрази задоволство после победата во Купот на Македонија над Беса 1976 (2-0) и упати пофални зборови кон играчите за нивниот пристап во осминафиналниот меч од најмасовното натпреварување.
Струмичани беа подобар противник, но успеаја да го отворат резултатот длабоко во второто полувреме. Тренерот е среќен што тимот се издигнал после несреќното реми во ПМФЛ со Воска Спорт и најави уште подобри игри во периодот што следи.
„Мислам дека тимот покажа одличен карактер после несреќно загубените бодови на мечот со Воска Спорт во домашното првенство. Знаевме против каков ривал играме денес и затоа сум среќен од изданието со кое се пласиравме во четвртфиналето од Купот на Македонија.
Беса располага со добри играчи, но ние максимално се фокусиравме на нашиот план. Играчите ги спроведоа сите задачи што ги поставивме и сосема заслужено се радуваме на овој триумф“, изјави Михајлов.
Брера Струмица се најде меѓу осумте најдобри во Купот на Македонија, па сега го очекува ривалот во четвртфиналето. Ждрепката ќе се одржи во текот на следните денови.