Михајлов: Јанков ни ги одбрани зицерите, но добро е што и натаму сме во водечката група

Традицијата Борец и Работнички да играат тврди натпревари со мал број на голови продолжува и по последниот меѓусебен дуел во Велес. Иако домаќините целосно доминираа дебармаалци однесоа бод од стадионот „Зоран Паунов“. Домашниот тренер Горазд Михајлов не е незадоволен со реми, иако жали за шансите кои напаѓачите не ги искористија и му дозволија на Јанков да се истакне.

„Некогаш играш добро, а нема да реализираш, а некогаш ќе погодиш кога нема да креираш многу шанси. Сепак, најбитно е што останавме во позитивна серија и го држиме чекорот со водечките. Сепак, вчера игравме против тим како Работнички, а знаеме за каква екипа се работи. Имавме три зрели шанси, но младиот репрезентативец Ристе Јанков успеа да ги неутрализира. 

Бевме доминантни и не дозволивме противникот да креира шанси. Мора да бидам задоволен и со овој резултат и сега се осврнуваме на натпреварот против Шкупи. Ме радува што играме во нагорна линија, но фудбалерите се малку фрустрирани што не ги користат шансите. Имавме четири гостувања во овие седум кола и уште еднаш ќе повторам добро е што сме дел од водечката група“, изјави Михајлов. 

Велешани се хит оваа сезона, „тврд орев“ за секој ривал и со победите над Вардар во Скопје и Силекс во Кратово и ремито против Шкендија во Тетово испратија јасен сигнал дека можат да играат против секој противник во лигата.