Михајлов: Дали некој ќе гарантира за нашето здравје ако пак играме фудбал?

Фудбалот во Македонија моментално е во прекин поради коронавирусот, а фудбалерите и стручниот штаб се приморани да работат индивидуално. Таква е ситуацијата и во велешки Борец, а како тимот се справува со моментот раскажа стратегот Горазд Михајлов.

Во изјава за Gol.mk, тренерот вели дека клубот го загубил секојдневието што го имал, а кај играчите владее мала нервоза затоа што мора обврските да ги извршуваат далеку од планираното.

„Многу е тешко, затоа што го загубивме секојдневието што го имавме, барем за нас тренерите и фудбалерите. Се адаптираме на ситуацијата колку што можеме, нормално е дека не застанавме. Комуницираме со играчите секојдневно, преку Скајп апликацијата сме во контакт и правиме конференциски состаноци. Зборуваме кој работи, што работи, како се чувствува, дали има проблеми со некој близок или со себеси. Засега сите играчи се во ред. Сите работат индивидуално, доставена им е програма според којашто се одржуваат кондициски, а кој може и со топка. Да бидат сите активни во вистинска смисла на зборот. Засега сите се кокретни. Но, евидентна е кај сите нервозата, што е и нормално“, вели Михајлов.

Што се однесува до ситуацијата, Михајлов вели дека не може да се предвиди дали ќе се игра фудбал. Истовремено, тој прашува, дали некој ќе гарантира за здравјето на спортистите и спортските работници, ако првенството продолжи.

„Едни се најавите, други се претпоставките. Не може ништо да предвидиме затоа што ситуацијата ескалира на полошо од минута во минута. Борец играше добро во последните три кола, екипата ми беше подготвена за следните натпревари, арно ама прекинот не пресече и се спласна. Ќе биде тешко да се вратиш. И да почнеме во мај, нема да можеме без тринеделни подготовки. Во тие денови воедно нема да може да се игра пријателски натпревар, така што првенствените натпревари ќе ни бидат пријателски. Сега, дали е тоа реално и дали е изводливо?

Треба да се поведе сметка и за играчите и за сите останати. Еве, нека се игра и без публика, нека се прави дезинфекција на стадиони, меѓутоа може на терен да има некој асимптоматичен фудбалер и може да се зарази цел тим. Не е само да се одигра по секоја цена. Ако УЕФА и Федерацијата кажат дека треба да играме, ќе играме, ама која е здравствената гаранција за нас. Важно ми е моето здравје и здравјето на нашите играчи, мислам дека тоа е поважно од учеството во Европа. Ние ќе постапиме како ќе каже федерацијата, ама мора да се земат предвид сите мерки. Ако пикот дојде пред крајот на месецот, ќе биде тешко да се функционира и да се спремиме ако се стартува во средината на мај“, заврши предводникот на тимот.

Борец пред шампионатот да се прекине влезе во добра серија и избега од опасната зона. Повратникот во ПМФЛ го чека битка за опстанок доколку првенството продолжи регуларно.

Мартин Танасковски