Мицевски: Прво мора да ја вратиме довербата во нашиот Пелистер!

Ванчо Мицевски, новиот спортски директор на фудбалскиот клуб Пелистер, изрази благодарност до градоначалникот Тони Коњановски и Општината за големиот чекор и преземањето на колективот кој е во незавидна бодовна и играчка положба, како и за одлуката спортски луѓе да раководат со клубот.

„Сите знаеме дека ќе биде многу тешко, затоа што навистина заостануваме и со бодови и со време, доцниме, пола екипи се веќе заминати на подготовки во странство, а ние сега почнуваме да работиме. Не се откажуваме од борбата за опстанок, ќе пробаме, ќе дадеме се од себе, чесно ќе ја одиграме пролетта, а и во Купот сме во полуфинале, максимално ќе се трудиме да дојдеме до резултати. Најтешкото е што прво треба да ја вратиме довербата во клубот. Прво, со финансии од општината, потоа, знаеме дека тоа е процес на градење клуб и доверба, значи ни треба еден период, каде што би ги покажале нашите резултати. Овој стадион ќе биде готов за две три години и ќе биде место каде ќе може да се играат европски натпревари, а ние во тој период од три до четири години, мислиме да го направиме Пелистер, подготвен да се натпреварува во Европа“, изјави новиот спортски директор на клубот, Ванчо Мицевски.

Мицевски изрази верување дека ФК Пелистер ќе ја врати својата вистинска позиција на бренд во македонскиот фудбал, од каде и понатаму ќе излегуваат добри фудбалери. Во оваа насока, дополнително ќе работат и тренерите во школата, со цел 70% од играчите да бидат домашни, од битолската школа, а така подготвени, понатаму да бидат и носители на клубот.

Прочитајте повеќе околу тековните трансфери во Македонија и светот на ОВОЈ линк