ВИДЕО: Ми ги прелета „орлите“ и обезбеди значајна победа за Барнли 

Екипата на Барнли конечно врза две победи по рестартот на Премиер лигата, откако во единствениот денешен натпревар од англискиот шампионат со минимални 0-1 (0-0) славеше на гости кај Кристал Палас.  

  • Извештај од натпреварот: 

Првиот дел на „Селхрст Парк“ мина во мирна и борбена игра, без некое поголемо возбудување пред двата гола. Единствено посериозно се закани гостинскиот фудбалер Двајт МеКнил, но неговиот удар од 16 метри заврши над голот на Висенте Гуита. 

Искусниот стратег на клупата на „орлите“, Рој Хоџсон, незадоволен од одиграните први 45 минути, на стартот на вториот дел се реши да внесе „свежа крв“ во средниот ред и на местото на Којате во игра го внесе МеКарти.

Со влегувањето на искусниот Ирец, играта на Кристал Палас живна, па Кејхил и Таусенд ги имаа првите шанси за отворање на резултатот, додека на спротивната страна од полуконтра се закани МеКнил. Но, малку фалеше гостите да останат без својот прв напаѓач, откако главниот судија Хупер не го казни неспортското однесување на Ају, кој со лакт удри противнички фудбалер. 

И кога се чинеше дека Кристал Палас го контролира натпреварот, Гуаита реагираше лошо и дозволи Ми да постигне ефектен гол со глава и да донесе водство за Барнли од 0-1, во 60. минута. 

До крајот на дуелот во Лондон, домаќините со сите сили тргнаа по израмнување, но цврстата одбрана на Шон Дајч не попушти и трите бода заминаа во Барнли.