• Горан Упале

Поранешниот репрезентативец на Германија, Месут Озил одлучи да стави крај на кариерата, барем така тврдат турските медиуми. Наводно до крајот на седмицата се очекува официјална потврда за раскин на договорот со Истанбул Башакшехир и повлекување од фудбалските терени.
Озил во Башакшехир пристигна во јули 2022 година, па, иако се очекуваше да ја оживее кариерата во Турција, за тимот од Истанбул одигра само 142 минути фудбал. Искусниот играч за врска не беше присутен на петочниот тренинг, а се чини дека 45-те минути во поразот од Коњаспор ќе му бидат последни во неговата кариера.
Озил својата сениорска кариера ја започна во вториот тим на Шалке, по што следеше преселба во првиот тим. По две сезони, во 2008 година се пресели во Вердер Бремен, а во 2010 година во Реал Мадрид, за кој одигра 105 натпревари. Најдолго беше во Арсенал, од 2013 до 2021 година, а за „топџиите“ одигра 184 натпревари.
За сениорската селекција на Германија забележа 92 настапи, и во 2014 година стана светски првак на Мундијалот во Бразил.