• Саше Љолес
Ѕвездата на Интер Мајами, Лионел Меси, разговараше со американските медиуми и откри информации кои порано не беа познати за јавноста, а се однесуваат на неговиот престој во Париз, кога настапуваше за францускиот ПСЖ.
„Малиот генијалец“ изјави дека тоа е веројатно најлошиот период од неговата кариера, истакнувајќи дека постојано бил незадоволен и несреќен.
„Тие две години не беа воопшто пријатни за мене. Не бев среќен, секој ден бев незадоволен од тренинзите, натпреварите и сите останати работи. Имав тешкотии да се адаптирам на целокупниот систем во ПСЖ.
Преминот во Мајами се чинеше како сосема логичен чекор во тој момент. Не погрешив, пристигнав во прекрасен град. Овој клуб е одличен, а навивачите се навистина жестоки и имаат голема љубов за своите миленици“, изјави Меси.
Светскиот шампион со Аргентина веќе трета сезона настапува во американската МЛС лига, каде досега забележа 36 голови и 23 асистенции.