• Иван Димовски

Фудбалскиот клуб Пари Сен Жермен им се врати на победите во француската Лига 1, откако на домашен терен славеше против Анжер со 2-0 (1-0). Овој натпревар беше посебен, бидејќи првпат како светски првак за клубот заигра Лионел Меси, а одговори на најдобар можен начин, со погодок.
„Светците“ беа со комбиниран состав, со Мукиеле, Витиња и Екитике во првиот тим. Резултатот беше отворен по само пет минути игра, откако токму младиот Хуго Екитике стрелаше за 1-0 по асистенција на Мукиеле. Во првиот дел добра шанса за парижани имаше и Серхио Рамос кој со глава по слободен удар изнуди добра голманска одбрана.
Во продолжението, Екитике одново се најде во шанса и го тестираше голманот Бернардони, додека за Анжер обид имаше Сима и биеше над пречката. Течеше 72. минута од натпреварот кога Лионел Меси стрелаше за удвојување на водството. Одново асистент беше Мукиеле, откако упати центаршут кој Аргентинецот го искористи за погодок. До крајот на мечот погоди и Нејмар, меѓутоа ВАР собата пронајде офсајд во акцијата.
ПСЖ е лидер во првенството со 47 бода, шест повеќе од Ленс и осум од Олимпик Марсеј.