ВИДЕО: Меси стана најдобар во историјата – Аргентина го „прегази“ Порторико

Светскиот првак Аргентина го победи Порторико со 6-0 во пријателски натпревар во октомврискиот ФИФА-прозорец. 155. селекција на ранг-листата на ФИФА беше лесна мета за Меси и неговите соиграчи. Алексис Мекалистер и Лаутаро Мартинез постигнаа по два гола, додека Меси имаше две асистенции.

Во 14. минута, откако Меси ја погоди пречката, топката отскокна до Нико Гонзалез, кој шутираше, но Мекалистер беше тој кој што ја смести топката во мрежата. Девет минути подоцна Меси, во свој стил, се проби преку противничката одбрана, а Монтиел со волеј стрелаше за 2-0. Пред паузата, Мекалистер постигна уште еден гол за 3-0.

Во вториот дел Ечаварија си постигна автогол во 64. минута, а потоа на сцена стапи Лаутаро Мартинез. Во 79. минута фудбалерот на Интер постигна гол по асистенција од Нико Гонзалез, а во 84. минута Меси додаде со пета, а Лаутаро ги постави конечните 6-0.

Со овие две додавање за гол Меси стана играч со најмногу асистенции во историјата на машкиот национален фудбал. Со вкупно 60 асистенции, тој ги надмина претходните рекордери, Бразилецот Нејмар и легендарниот американски репрезентативец Лендон Донован, кои имаа по 58.