• Горан Упале

Кариерата на Лионел Меси е полна со рекорди од различни видови, бидејќи „магијата“ на аргентинскиот виртуоз трае долго, па не е чудно што во победата на неговите „гаучоси“ против Канада во полуфинале на тековната Копа Америка, ги помести границите во уште две категории.
Во моментот кога топката ја мина гол-линијата во 51. минута, капитенот на бранителот на титулата и легендарен ас на Барселона стана најефикасниот играч на неговата селекција на континенталните натпреварувања, бидејќи го престигна славниот Габриел Батистута со неговиот четиринаесетти гол.
Воедно, 80.000 гледачи на стадионот во Њу Џерси ја имаа честа да бидат сведоци на неговиот 109-ти гол за националниот тим. Со тоа Меси го мина Али Даеи на вечната листа на стрелци во репрезентативен дрес, но сепак, сè уште е далеку зад Кристијано Роналдо, кој има 130 гола за Португалија.
Во исто време, 37-годишниот Меси стана првиот човек во историјата на престижното натпреварување кој постигнал барем еден гол на шест вакви турнири. За првпат тоа се случи во далечната 2007 година, на натпреваротт против Мексико. Сега му претстои осмо финале на едно големо натпреварување, сметајќи ги Копа Америка, Светските првенства и Олимписките игри.