• Саше Љолес
Лионел Меси со емотивна порака на инстаграм се прости од својот татко Хорхе Меси, кој почина на 68-годишна возраст по долго боледување. Тоа беше прво јавно обраќање на аргентинската фудбалска ѕвезда по загубата на човекот кој целиот живот беше негов најголем поддржувач, но и долгогодишен претставник и менаџер.
Меси во својата порака се присети на последните месеци од животот на татко му, нивниот секојдневен контакт, Светското првенство и моментите кои заедно ги поминале.
„Тато, сè уште не можам да поверувам дека те нема. Не можам да прифатам дека повеќе нема да те видам и дека нема да разговараме. Знам дека многу страдаше и дека можеби вака е најдобро, но замина прерано. Имавме уште толку работи во кои требаше заедно да уживаме“, напиша Меси.
Аргентинецот посебно се осврна на Светското првенство во Катар во 2022 година. Хорхе многу сакал неговиот син да настапи на турнирот, но неговата здравствена состојба нагло се влошила непосредно пред почетокот.
Меси откри дека по секој натпревар го очекувал татко му да му испрати порака, а кога тоа престанало да се случува, сфатил колку сериозна е ситуацијата.
„Сакав да го освојам трофејот за тебе и да ти донесам уште една титула. Не успеав, нозете повеќе не можеа. Овојпат се обидов да одам против сопственото тело, но не можев“, се присети Меси.
Тој откри и дека денес има големи дилеми околу својата иднина во фудбалот.
„Не знам што ќе правам без тебе, не знам како да продолжам понатаму. Целиот живот играв само фудбал, а сега имам многу прашања за тоа колку долго ќе продолжам да играм“, порача капитенот на Аргентина.
Хорхе Меси имаше огромна улога во кариерата на својот син. Кога Лионел како 13-годишник замина во Барселона на проба, токму неговиот татко беше со него во Шпанија и му даваше поддршка во периодот кога сè уште немаше гаранции дека ќе стане професионален фудбалер.
Подоцна Хорхе стана негов долгогодишен агент и учествуваше во бројни важни одлуки и преговори во текот на кариерата на еден од најдобрите фудбалери во историјата.
„Ќе ми недостигаш многу, но секогаш ќе бидеш присутен, особено во начинот на кој ги воспитувам моите деца. Ги учам и воспитувам онака како што вие двајцата ме воспитувавте мене. Почивај во мир и чувај нè одозгора, како што нè чуваше овде. Ти благодарам за сè. Те сакам, тато“, заврши Меси.
Таткото на Лионел Меси почина набргу по завршувањето на Светското првенство во САД, Канада и Мексико, каде аргентинската репрезентација загуби во финалето од селекцијата на Шпанија.
