• Горан Упале
Покрај Нејмар, и најголемата ѕвезда на Аргентина, Лионел Меси ќе го пропушти големо дерби на јужноамериканските ривали. Прво Бразилецот поради недоволна подготвеност мораше да го откаже повикот од селекторот на репрезентацијата, а потоа славниот Аргентинец отпадна од списокот на „гаучосите“ за натпреварите против Бразил и Уругвај во квалификациите за Светското првенство во 2026 година.
Меси пред неколку дена го постигна 854-от гол во кариерата и му донесе победа на Интер Мајами во МЛС лигата. Сепак, се здоби со ситна повреда е потребна е пауза од седум дена, па светскиот шампион и најдобар играч на Мундијалот во Катар го откажа учеството во мартовскиот „прозорец“.
Тој испрати порака до фановите преку социјалните мрежи.
„Тажен сум. Штета што ќе ги пропуштам овие два многу посебни натпревари со селекциите на Уругвај и Бразил. Како и секогаш, сакав да бидам со репрезентацијата, но во последен момент мала повреда ме принуди да паузирам. Ќе навивам за репрезентацијата на Аргентина. Напред Аргентина", напиша на социјалните мрежи Меси.
Капитенот на аргентинската репрезентација никогаш не сакал да ги пропушта репрезентативните натпревари. Досега на 191 натпревар постигна 112 гола со 58 асистенции.