Меси се врати, но Валверде и Барса останаа без Кутињо

Само што завршија главоболките на Ернесто Валверде поради повредата на Лионел Меси, утрово пристигнаа нови, откако се обелодени дека Филипе Кутињо ќе мора да паузира одреден период. 

Бразилскиот ас одигра солиден натпревар против Интер во Лигата на шампионите, но по истиот се пожалил на болки на мускулот на левата нога. Резултатите од деталните прегледи покажаа кинење на мускулот на Кутињо и сега приморан е да одмора најмалку две до три седмици. 

Тоа значи дека поранешниот член на Ливерпул нема да може да настапи за Барса на дуелот против Бетис, овој викенд, а многу веројатно нема да биде подготвен за големото дерби со Атлетико Мадрид, кое е закажано по репрезентативната пауза.