• Саше Љолес
Легендарниот Лионел Меси во разговор со американските медиуми изјави дека се надева на уште еден настап со Аргентина на Светското првенство во 2026 година.
Меси додаде дека ќе донесе конечна одлука дали да учествува на Светското првенство во 2026 година кога ќе биде сигурен дека е 100 проценти физички подготвен да ѝ помогне на Аргентина да ја одбрани титулата.
„Посебно чувство е да се игра на Светското првенство. Би сакал да играм ако сум подготвен и ако сум во можност да ѝ помогнам на репрезентацијата.
Кога ќе започне претсезоната со Интер следната година, тогаш ќе можам секојдневно да оценувам дали можам да бидам 100% подготвен за Светското првенство и дали можам да бидам корисен за репрезентацијата“, рече Меси во интервју за „Ен Би Си“.
38-годишниот Меси одигра 195 натпревари за Аргентина и досега постигна 114 голови. Со репрезентацијата на Аргентина го освои Светското првенство во 2022 година, кое се одржа во Катар.
„Сакам да играм на Светското првенство и да ја одбранам титулата што ја освоивме во 2022 година во Катар на теренот. Освојувањето на титулата светски шампион со Аргентина беше мој доживотен сон.
Вистината е дека тоа беше единственото нешто што ми недостасуваше на професионално ниво, бидејќи имав среќа да освојам сè со Барселона на индивидуално и клупско ниво. Ако прашате кој било фудбалер за што сонува, ќе ви каже дека тоа е титулата светски шампион“, нагласи аргентинскиот фудбалер.
Меси е член на Интер Мајами од 2023 година, а неодамна го продолжи договорот со клубот од Мајами до крајот на 2028 година.

