• Горан Упале
Лионел Меси минатата година со Аргентина го освои Светското првенство во Катар и со тоа ја круниса легендарната кариера, во која освои речиси сè што можеше да се освои. На патот до титулата светски прваци, „гаучосите“ во нокаут фазата ги совладаа Хрватска, Австралија, Холандија и Франција.
Меси беше прогласен за најдобар играч на турнирот, а во неодамнешното интервју за „ЕСПН“ откри дека жали за прославата на голот против Холанѓаните.
„Ја направив прославата „Топо Џиџо“ (наречена по цртаниот лик) и веднаш зажалив за тој потег. Штом го направив тоа си помислив: „Каков идиот, а што ако успеат да израмнат. Oвие работи често се случуваат“, изјави Меси.
Зборовите на Меси се остварија. Откако постигна гол од пенал во 73. минута, Вегхорст израмни и го испрати натпреварот во продолжение. Во пенал-рулетот, Аргентинците беа поуспешни и се радуваа на победата.
Меси го прослави голот со рацете на уши поради коментарите на тогашниот холандски селектор Луј ван Гал пред натпреварот. Познатиот холандски стратег ја критикуваше играта на Меси, особено во моментите без посед на топка.
„Мислам дека Ван Гал не покажа почит кон мене во неговите коментари пред натпреварот. А некои Холанѓани премногу зборуваа за време на натпреварот“, објасни Меси.
Ван Гал по Мундијалот ја напушти клупата на Холандија, а поразот од Аргентина тешко му падна и по турнирот изјави дека Мундијалот во Катар е наместен.