ВИДЕО: Меси правеше чуда, Аргентина со најмоќен напад со „шестка“ за Боливија

Фудбалската репрезентација на Аргентина ја оправда фаворитската улога и со домашна победа над Боливија (6-0) останува на првото место во квалификациите за Светското првенство (СП) кое ќе се игра во 2026 година.

  • Извештај од натпреварот:

„Гаучосите“ немаа милост кон ривалот кој во овој дуел влезе во добра серија и со три победи во низа. Боливија сонуваше дека може до нов подвиг, но Аргентина се покажа како преголем залак. Посебно затоа што на терен излезе со најмоќниот напад...

Лионел Меси, Лаутаро Мартинез и Хулијан Алварез за првпат во историјата играа заедно во офанзивата на Аргентинците. И тројцата дадоа голови во првиот дел. А, секако, главна фигура беше Лео Меси. Резултатот го отвори Меси во 19. минута по една грешка на одбраната по асистенција на Мартинез, а потоа феноменот асистираше до Лаутаро и Алварез во 43. и 45. минута, за 3-0 на паузата.

На самиот старт на вториот дел, Аргентина дојде до четврти гол но беше поништен со ВАР поради офсајд на Отаменди. Голеадата се врати во 69. минута кога нововлезениот Алмада донесе 4-0, а потоа Лионел Меси со два гола во финишот во 84. и 86. минута го комплетира хет-трикот и ги постави конечните 6-0.

Аргентина по десет одиграни кола има седум победи и е на врвот со 22 бода, пред Колумбија со 19 бода. Во следната рунда која се игра во ноември, тимот гостува кај Парагвај.