ВИДЕО: Меси одушевува во САД – „хет-трик“ со Нешвил, најдобар стрелец и МВП во МЛС

Фудбалерите на Интер Мајами како гости запишаа триумф над Нешвил (5-2) во последното коло од регуларната сезона на МЛС и лигашкиот дел го завршија на третото место во Источната конференција.

  • Извештај од натпреварот:

Натпреварот беше целосно обележан од Лионел Меси, кој постигна три гола и ја заврши сезоната како најдобар стрелец во лигата со 29 гола на 28 одиграни натпревари. Ова е деветти пат во кариерата на еден од најдобрите фудбалери во светот на сите времиња да ја заврши сезоната како најдобар стрелец во лигата, а претходните осум пати тоа беше во дресот на Барселона.

Покрај сето ова, Аргентинецот забележа и 19 асистенции во овогодинешното првенство, па заслужено ја освои титулата за МВП втора година по ред, станувајќи првиот фудбалер во историјата на МЛС лигата што го сторил тоа.

Медиумите во Соединетите Американски Држави пишуваат дека поранешниот играч на Барса и ПСЖ веќе влегол во преговори со челниците на клубот за продолжување на соработката и речиси е сигурно дека ќе игра за клубот од Флорида следната сезона. Инаку, плеј-офот во МЛС започнува на 24 октомври, а ривал на Интер ќе биде токму тимот на Нешвил.