Меси: Има други фаворити за Мундијалот, дури и Португалија е конкурентен тим

Лионел Меси смета дека Аргентина не е главен фаворит за освојување на Светското првенство, иако актуелниот шампион повторно ќе биде меѓу селекциите кои ќе се борат за трофејот.

Аргентинската легенда посочи дека има неколку репрезентации кои во моментов изгледаат подобро и доаѓаат во одлична форма на турнирот.

„Мора да разбереме дека има и други фаворити кои се пред нас и ќе пристигнат во подобра форма. Франција повторно изгледа доста силна и има многу играчи од врвно ниво. Исто така и Шпанија и Бразил, кои не се во најдобра форма веќе некое време, но секогаш се меѓу претендентите. Мислам дека Португалија исто така има многу конкурентен тим“, изјави Меси.

Аргентинската ѕвезда зборуваше и за ривалството со Кристијано Роналдо, нагласувајќи дека отсекогаш имале коректен однос.

„Моето ривалство со Кристијано Роналдо е нешто природно во светот на фудбалот. Јас бев во Барселона, а тој беше во Реал Мадрид. Луѓето постојано нè споредуваат, но нашиот однос отсекогаш бил добар и почитуван. Не се среќаваме често, освен на натпревари или церемонии за доделување награди, но отсекогаш сме имале добар однос. Сега секој од нас е во различна фаза од животот, но во минатото имавме прекрасно спортско ривалство“, кажа Меси.

Светското првенство ќе се игра во САД, Канада и Мексико од 11 јуни до 19 јули.