• Саше Љолес

Како што се зголемуваат шпекулациите за евентуално враќање на Лионел Меси во Барселона, така секојдневно се појавуваат и нови информации во врска со овој евентуален трансфер кој би ги израдувал сите фанови на каталонскиот гигант.
Разни медиуми во Шпанија со месеци пишуваат дека Барса прави сè што може за да го врати сјајниот Аргентинец во своите редови, но последните изјави на Меси не даваат баш охрабрувачки сигнали за навивачите.
„Мундо Депортиво“ пишува дека Меси имал средба во Париз со Жорди Алба и Серхио Бускетс, а таму им рекол дека сè уште не добил никаква понуда за договор од Барселона. Дружењето се случило минатата недела кога тренерот Чави Хернандез им даде слободен ден на играчите по освојувањето на титулата во Примера. Двајцата фудбалери ја искористиле приликата да одлетаат во Париз и да се видат со својот омилен поранешен соиграч, со кого освоија безброј титули.
Пари Сен Жермен сака да го задржи Меси кај себе и наводно му нуди двегодишен договор со заработка од сто милиони евра, но „малиот генијалец“ по сè изгледа сака да се врати во Каталонија каде ги мина најубавите денови во кариерата и стана убедливо најдобар светски играч. Сепак, работите не се одвиваат како што многумина посакуваат и сè поизвесно е дека мисијата за враќање на Меси во Барса станува исклучително тешка.
Барселона има огромни финасиски проблеми и прашање е дали и колку ќе може да застане на „здрави нозе“, па да може повторно да ангажира играчи кои заработуваат огромни плати. Некои медиуми јавија дека Меси би се согласил и на значително помала заработувачка, но и од тоа сè уште нема ништо конректно. Останува да видиме дали управата на каталонскиот гигант ќе најде начин за враќање на светскиот шампион со Аргентина, или навивачите сепак ќе мораат да се помират со судбината дека ерата на Меси во Барселона е завршена.