• Саше Љолес
Оваа година Аргентина конечно успеа да се врати на светскиот фудбалски трон, после повеќе од три децении чекање. Овој успех го искачи Лионел Меси на највисокото скалило во историјата на овој спорт, па сега дури и критичарите го вметнуваат во рангот на „најдобар на сите времиња“.
Меси сега ужива статус на фудбалски Бог во својата земја и е на истото скалило како и легендарниот и единствениот Диего Армандо Марадона. „Малиот генијалец“ беше еден од најсреќните после спектакуларното финале против Франција на Светското првенство, затоа што конечно успеа да го освои најзначајниот трофеј во репрезентативниот фудбал и да ги затвори устите на сите што изјавуваа дека без овој трофеј не може да се вброи меѓу најдобрите во историјата.
Во чест на овој успех, Меси решил да ги изненади сите во репрезентацијата со еден убав гест, тој нарачал 35 златни „Ајфон“ 14, по еден за сите играчи и за членовите на стручниот штаб. Телефоните се направени од 24-каратно злато, а фудбалерот на ПСЖ за овој подарок издвоил 210.000 евра.
Овој гест на Меси сигурно им се допаднал на сите соиграчи од репрезентацијата и на стручниот штаб кои беа на „седмо небо“, откако се закитија со светската титула оваа зима во Катар.