Меси и официјално го напушта ПСЖ: Чест ми е што го тренирав најдобриот во историјата

Лионел Меси и официјално го напушта ПСЖ. Ова денес на прес-конференција го потврди тренерот на парискиот клуб Кристоф Галтие.

Лионел Меси по две години се сели од Париз. Аргентинецот си заминува од клубот во кој не се прослави, но тренерот Галтие истакнува дека му била голема чест да соработува со еден од најдобрите на сите времиња.

Тренерот на ПСЖ најави дека натпреварот против Клермон ќе биде последен за Лео во дресот на францускиот шампион.

„Имав чест да го тренирам најдобриот фудбалер во историјата. В сабота е последниот натпревар на Лео на „Паркот на принцовите“. Се надевам дека ќе биде испратен на најдобар можен начин“, потврди тренерот на ПСЖ.

Тимот од ѕвезди од главниот град во последното коло од сезоната во Лига 1 ќе се судри со Клермон во Париз.