Меси и Аргентина низ бројки и рекорди: Љубов која трае дури 21 година!

Приказната која започна со црвен картон по само неколку секунди во Будимпешта, заврши со солзи пред повеќе од 85.000 навивачи на „Монументал“. По повеќе од две децении во дресот на Аргентина, Лионел Меси стави крај на репрезентативната кариера како најуспешниот стрелец и фудбалер со најмногу настапи во историјата на „гаучосите“.

Меси за сениорската репрезентација дебитираше на 17 август 2005 година против Унгарија. Последниот натпревар го одигра на шести октомври 2026 година против Бенин, кога постигна гол и запиша две асистенции во победата од 3-0.

На крајот од патувањето, официјалната статистика на Аргентинската фудбалска асоцијација покажува 207 натпревари и 125 голови, со 66 асистенции. Тоа се бројки кои го оставаат на врвот на вечната листа на аргентинската репрезентација.

Меси ја започна приказната како 18-годишен талент, а ја заврши како капитен, светски шампион и апсолутен рекордер. За Аргентина постигна 125 голови на 207 натпревари, односно во просек 0,60 гола по натпревар. Првиот погодок го постигна на први март 2006 година против Хрватска.

Особено импресивен е учинокот во квалификациите за Светското првенство. Меси одигра 72 натпревари и постигна 36 голови, со што е најдобар стрелец во историјата на јужноамериканските квалификации.

Меси настапи на неверојатни шест Светски првенства - 2006, 2010, 2014, 2018, 2022 и 2026 година. На Мундијалите одигра 34 натпревари, што е рекорд во историјата на Светските првенства, а постигна 21 гол. Тој е и првиот фудбалер кој постигнал гол на толку различни изданија на Светското првенство, а во 2022 година конечно го освои трофејот кој со години му недостасуваше.

Во Катар одигра еден од најдобрите турнири во својата кариера. Постигна седум голови, вклучително и два во финалето против Франција, а Аргентина по пеналите стигна до третата светска титула. Во 2026 година Аргентина повторно стигна до финалето, каде загуби од Шпанија со 1-0. 

Меси има и огромен белег во Копа Америка. На седум изданија од турнирот одигра 39 натпревари и постигна 14 голови, а во 2021 и 2024 година ја предводеше Аргентина до титулата.

Особено важна беше Копа Америка во Бразил во 2021 година. По четири загубени финалиња со Аргентина, Меси конечно го освои првиот голем трофеј со сениорската репрезентација. Три години подоцна следуваше уште еден триумф, овојпат на турнирот во САД.

Сите трофеи на Меси со Аргентина:
Светско првенство – 2022
Копа Америка – 2021
Копа Америка – 2024
Финалисима – 2022

Ако се додадат и младинските категории, листата станува уште поголема. Меси го освои и Светското првенство до 20 години во 2005 година, како и олимпиското злато во Пекинг во 2008 година. Тоа се вкупно шест големи репрезентативни трофеи во сите категории.

Рекорди кои остануваат зад него:

207 настапи за Аргентина
125 голови за сениорската репрезентација
66 асистенции според официјалната статистика на АФА
72 настапи во квалификациите за СП
36 голови во квалификациите
34 натпревари на Светски првенства
21 голови на Светски првенства
39 настапи на Копа Америка
14 голови на Копа Америка
ШЕСТ настапи на Светски првенства
СЕДУМ настапи на Копа Америка

Но, може да се каже дека бројките не ја раскажуваат целата приказна за аргентинскиот волшебник. 

Меси со години беше под огромен притисок во Аргентина. По поразите во финалињата на Копа Америка во 2015 и 2016 година и по загубеното финале на Светското првенство во 2014 година, дури и најголемата ѕвезда на својата генерација беше жестоко критикувана.

Во 2016 година накратко се повлече од репрезентацијата, но се врати и подоцна го започна најуспешниот период во историјата на аргентинскиот национален тим. Со Лионел Скалони на клупата, Меси ја освои Копа Америка, Финалисима, Светското првенство и повторно Копа Америка. Аргентина од репрезентација која долго чекаше на голем трофеј се претвори во една од најуспешните селекции на својата генерација. И токму затоа неговото последно поглавје беше толку емотивно.

На „Монументал“ против Бенин, Меси постигна гол и асистираше за уште два, а потоа пред преполниот стадион се збогуваше со дресот кој го носеше повеќе од 21 година. Меси повеќе нема да игра за Аргентина. Но бројките, трофеите и приказната која ја остави зад себе ќе останат запишани засекогаш во историјата на „гаучосите“.