• Мартин Танасковски
Ѕвездите на Интер Мајами, Лионел Меси и Жорди Алба, не настапија на годинешниот Ол-стар натпревар на Мејџор Лиг Сокер (МЛС), кој се одигра во Остин, Тексас и ги чека санкција.
Според официјалниот список на учесници објавен од лигата, двајцата фудбалери се повлекле од шоу-настанот и не беа дел од тимот на МЛС-ѕвездите против селекцијата од мексиканската Лига МХ.
Иако првично беа вклучени во списокот на избрани играчи, нивното откажување предизвика внимание, особено поради тоа што не е објавена конкретна причина за нивната одлука. Се претпоставува дека главната цел е одмор пред важниот натпревар со лидерот на табелата, Синсинати, кој следува во домашниот шампионат.
Според правилникот на МЛС, фудбалер кој одбива учество на „ол-стар“ натпреварот добива автоматска суспензија од еден натпревар во лигата.
Таа одредба претходно беше применета и кај Златан Ибрахимовиќ во 2018 година, кога тој исто така се повлече од настапот на натпреварот.
ФОТО: Inter Miami CF / Facebook








