ВИДЕО: Меси диригент, Барса доминантно преку Манчестер до полуфинале на ЛШ!

Фудбалерите на Барселона и по вторпат го совладаа Манчестер Јунајтед, овојпат со 3-0 и со вкупни 4-0 обезбедија пласман во полуфиналето на Лигата на шампионите.

  • Извештај од натпреварот:

Ернесто Валверде денешниот натпревар го започна со својот најсилен состав, а Солскјер на спротивната страна на клупата за резерви ги остави повратникот Матиќ и Лукаку. Освен во почетните десетина минути, во кои гостите имаа повеќе од играта, во продолжение Барса доминираше и сосема заслужено обезбеди место меѓу најдобрите четири тим во Европа.

„Црвените ѓаволи“ од првата минута тргнаа офанзивно, а по само 36 секунди игра, Маркус Рашфорд по една одлична длабинска топка биеше само во стативата на Барселона. И во продолжение гостите продолжија со нападите, а во еден од ретките обиди на домаќините на стартот на натпреварот, германскиот судија досуди пенал за Барса, кој го поништи по прегледот на ВАР-технологијата.

Но, во следните неколку минути следеше вистински шок за тимот од Манчестер. Најпрво, Лионел Меси со одличен удар од далечина, во 16. минута донесе предност од 1-0, а четири минути подоцна Аргентинецот повторно биеше од далечина, Де Хеа неспретно реагираше и топката заврши во неговата мрежа (2-0).

Во продолжение на првиот дел избраниците на Ернесто Валверде едноставно ја „легнаа“ топката и не им дозволија на ривалот ниту една поголема шанса пред голот на Тер Штеген. На спротивната страна, во самиот финиш од првиот дел, Луис Суарез имаше голема шанса, но неговиот удар заврши само во главата на Де Хеа.

Продолжението на натпреварот не донесе ништо ново за Англичаните. Барса ја контролираше играта, а по мајсторијата на Филипе Кутињо, кој во 61. минута од далечина го матира Де Хеа, на семафорот веќе беше 3-0. По примениот трет гол, Солскјер во игра ги уфрли Далот и Лукаку, но и тие не донесоа ништо позитивно за гостите.

До крајот шанса за настап кај Јунајтед доби и Алексис Санчез, кој беше пречекан со овации, а на спротивната страна во игра влегоа Дембеле и Видал. Финишот на натпреварот домаќините го одиграа рутински и сосема заслужено славеа победа од 3-0.

Противник на Барселона во полуфиналето на Лигата на шампионите ќе биде подобриот од утрешниот дуел меѓу Порто и Ливерпул.