Меси: Бог беше со нас и не дозволи прерано да си одиме дома!

По двете лоши партии против Исланд и Хрватска, вечерва го видовме вистинскиот лик на Лионел Меси. Првата аргентински ѕвезда беше предводник на својата селекција во големата победа од 2-1 над Нигерија, која на „гаучосите“ им донесе место меѓу 16-те најдобри селекции на светот. 

Радоста кај ѕвездата на Барселона беше голема, а по мечот им се заблагодари на сите фанови за поддршката, како и на божјата помош. 

„Најпрво сакам да им се заблагодарам на сите фанови кои не бодреа од трибините, како и на оние во Аргентина. Кога го носиш дресот на оваа земја е нешто посебно и е над сè. Беше тежок натпревар, но бевме убедени дека ќе славиме на крајот. Навистина чувството е непроценливо, а навистина прекрасно е што триумфиравме на ваков начин. Знаевме дека ќе имаме голем притисок, но Бог е со нас и не дозволи прерано да си одиме дома“, изјави Меси. 

Покрај Аргентина од групата Ц пласман во осминафиналето обезбеди Хрватска, која вечерва запиша победа и над селекцијата на Исланд (1-2).