• Горан Упале
Фудбалерите на Интер Мајами убедливо славеа против Атланта со резултат од 4-0, со што запиша многу важна победа. Останува само уште еден натпревар oд регуларната сезона во МЛС лигата, а Интер има ист број на бодови со Синсинати и го делат второто место во Истокот.
Главна ѕвезда на вечерта повторно беше Лионел Меси. Аргентинецот беше под знак прашалник пред почетокот на натпреварот поради мали проблеми со повреда, но сепак се најде во почетниот состав и повторно блесна. Токму Аргентинецот ја отвори мрежата на гостите во 39. минута од натпреварот.
До средината на второто полувреме, прашањето за победникот веќе беше решено. Алба одигра одлична партија, а во 52. минута,со асистенција на Меси, токму Шпанецот го постигна својот трет гол во последните два натпревари. Во листата на стрелците се запиша уште еден поранешен играч на Барса. По еден час игра Суарез погоди за 3-0, а точка на триумфот стави Меси во 87. минута.
Интер Мајами има уште еден натпревар до крајот на сезоната. Ќе игра против Нешвил, но ќе мора да ги насочи погледите и кон исходот на Синсинати, кој е домаќин на Монтреал.



