Меси: Би сакал да играм за Аргентина цел живот, но сега ќе бидам од другата страна – меѓу навивачите!

Лионел Меси емотивно се прости од аргентинската репрезентација по победата над Бенин од 3-0 на „Монументал“. Капитенот по натпреварот го зеде микрофонот и пред околу 80.000 навивачи зборуваше за повеќе од две децении поминати во националниот дрес.

„Тешко е денеска нешто да се каже, има многу емоции, многу работи ми минуваат низ главата. Прво помислувам на мојот татко. Ми преостанува само да се заблагодарам, како што кажав и во прошталното писмо. За мене беше огромна чест повеќе од 20 години да го бранам овој дрес. Дури и во најлошите моменти низ кои поминувавме, никогаш не престанав да се борам, да давам сè од себе и секогаш да бидам тука“, рече Меси.

Аргентинската легенда призна дека особено тешко ќе му падне тоа што повеќе нема да биде дел од репрезентативните собири. Тој порача дека би сакал да остане со националниот тим засекогаш, но чувствува дека сега е вистинскиот момент за крај.

„Многу ќе ме боли што повеќе нема да доаѓам. Се колнам, би сакал да доаѓам цел живот, затоа што да играш за репрезентацијата на Аргентина е најубавото нешто што може да ти се случи. Иако сакам засекогаш да бидам овде, чувствувам дека дојде моментот. Сè што доживеав на последното Светско првенство беше премногу. Сонувавме повторно да станеме светски прваци, бевме многу блиску и вистината е дека не се случи ништо необично. Ќе ми недостига да ги бранам боите на репрезентацијата, но сега ќе бидам од другата страна, со сите вас, за да ги поддржувам овие момци и оние кои доаѓаат. Секогаш обединети. Не сакам да заминам, не сакам да го напуштам теренот. Сакам само да ви кажам дека ве сакам, дека ќе ми недостига секој од вас и дека сум му благодарен на Бог што сум Аргентинец, горд што сум Аргентинец и што со сите вас ги остварив моите соништа. Ви благодарам многу, ве сакам“, заклучи Меси.

Во дресот со националниот грб Меси одигра 208 натпревари на кои постигна 126 погодоци, а подели и 69 асистенции. Со Аргентина како капитен двапати го креваше трофејот на Копа Америка, но круна на кариерата му беше Светското првенство во 2022 година.