• Иван Димовски

Наполи ја победи Ријека со 2-0 во дуелот од четвртото коло од групната фаза на Лигата на Европа, натпревар кој комплетно беше посветен на починатата легенда Диего Марадона.
Пред дуелот сите играчи на „партенопеите“ го облекоа дресот со број десет и презимето на Марадона. Мертенс по мечот зборуваше за тежината на тој дрес, како и за извинувањето што го упати до легендата. Белгиецот го мина Аргентинецот на вечната листа стрелци во Наполи, па изјави дека жали за написите во медиумите.
„Ова се ужасни моменти, можам да замислам како наполитанците се чувствуваат. Марадона имаше неверојатно влијание врз градот и сите на југот во Италија. Сакам да бидам позитивен и да се фокусирам на сеќавањата за насмеан човек што го сакаше фудбалот.
Јас му се извинив, бидејќи моето име беше ставено во иста реченица со неговото, тоа не е правилно. Тешко беше да се облече неговиот дрес. Всушност беше сон да се случи тоа, ама не на ваков начин“, изјави Мертенс.
Мертенс не беше стартер на дуелот со Хрватите, а во второто полувреме го замени Ељиф Елмас, кој го започна натпреварот.