ВИДЕО: „Мерсисајд“ дербито без победник, Ливерпул го препушти врвот на Сити

Иако се очекуваше вистински фудбалски спектакл, големото дерби од 29. коло на Премиер лигата, на „Гудисон Парк“ помеѓу Евертон и Ливерпул не ги оправда очекувањата и заврши без победник 0-0. По денешното реми, Ливерпул го загуби првото место и сега заостанува еден бод во однос на Манчестер Сити.

Почетокот на натпреварот им припадна на домаќините, кои почесто беа пред шеснаесетникот на Алисон Бекер, но нивните обиди главно завршуваа со удари надвор од рамката на голот. На спротивната страна Мохамед Салах ја имаше најголемата шанса во првиот дел, но неговиот удар во 29. минута, домашниот голман со крајни напори го одбрани и спречи гостинско водство.

Во продолжение на натпреварот „карамелите“ повторно го диктираа темпото на игра, за разлика од избраниците на Клоп кои делуваа безопасно. Во 52. минута Калверт-Левин имаше одлична, но Бекер со прекрасна интервенција спречи водство на Евертон. Клоп се обиде со двојна измена (Фирмино и Милнер) да добие превласт на средината на теренот, но неговите пулени едноставно беа непрепознатливи.

Во финишот „црвените“ се обидуваа со долги топки да стигнат до шеснаесетникот на Евертон, но домаќините успешно ги затвораа сите приоди кон својот гол и на крајот сосема заслужено освоија бод против својот најголем ривал.

Во следното коло Ливерпул на домашен терен ќе го пречека тимот на Барнли, додека Евертон ќе гостува кај Њукасл.