Менаџерот на Барди: Милевски направи Македонците и Албанците да дишат како едно!

Вчера, македонскиот репрезентативец, Енис Барди за албански „Суперспорт“ откри дека имал желба да го облече дресот на Албанија, но тамошната фудбалска федерација не изразила желба за соработка, па така фудбалерот на Леванте одлучи да настапува за нашата земја. 

Токму за оваа ситуација, за „Спорт Експрес“ зборуваше менаџерот на нашиот фудбалер Меритон Бериша, кој вели дека е мошне тешко некој фудбалер кој е роден во Македонија да ги брани боите на албанската фудбалска репрезентација. 

„Мислам дека малкумина ја знаат вистината. Да, вистина е дека Барди сакаше да игра за Албанија, но од таму никој не се погрижи за да се реализира тоа. Многу е тешко некој фудбалер од страна да го облече албанскиот дрес. Сега, Барди игра за Македонија и веќе е миленик кај фудбалските фанови во оваа земја. Сигурно секој ќе ја памети неговата жртва кога беше тешко повреден, но стегна заби и под инјекции играше за младинската репрезентација, дури и го постигна историскиот прв гол на Македонија на еден голем собир. Дефинитивно албанските фудбалери од Македонија имаат далеку подобар третман во Македонија, отколку во Албанија. Оваа земја ги поддржува талентите и ги почитува. Голема заслуга за тоа има Благоја Милевски, кој направи Албанците и Македонците во таа селекција да дишат како едно. Тој никогаш не ги делеше“, вели Бериша. 

Барди беше најдобриот наш репрезентативец на младинското Европско првенство во Полска, а сега бележи и одлични настапи за А селекцијата и сигурно во иднина заедно со уште неколку фудбалери од генерацијата на Милевски ќе биде носител на нашата најдобра репрезентација.