Менаџерот на Абердин: Неколку месеци го имавме Бојан на око, тој е идеалниот напаѓач за нас

Македонскиот фудбалски напаѓач Бојан Миовски ќе има нов предизвик во следната сезона, откако ја прифати понудата на славниот шкотски клуб и во следните четири години ќе тресе мрежи за Абердин, кој за неговиот потпис му плати на МТК над 500.000 фунти.

Од редовите на поранешниот шампион во Премиершип не го криеа задоволството што го добија Миовски за нов напаѓач, а особено пофални зборови испрати менаџерот Џим Гудвин.

„Неколку месеци го имавме Бојан на око и среќни сме што успеавме да победиме во тесната трка за неговиот потпис. Тој е напаѓач со сите клучни квалитети за успех во Шкотска. Има брзина, сила, фантастично движење и влегува во голем број шанси. Тој е профил на напаѓач каков што барав. Има 23 години и е стандарден во дресот на својата селекција“, вели менаџерот на Абердин.

Македонија го доби четвртиот играч кој потпишал со шкотска екипа. Претходно Бајрам Фетаи ги бранеше боите на Глазгов Ренџерс и Инвернес, Ѓорѓи Христов играше за Данфермлајн, а Горан Станиќ го носеше дресот на Ливингстон.