• Иван Димовски

Фудбалерот на Шкендија, Анес Мелиќи, со оптимизам го најави четвртфиналниот натпревар од Купот на Македонија против Струга Трим Лум.
Тетовци се во одлична форма во првенството, но сега целосниот фокус го префрлаат на куп-натпреварувањето, каде што ги очекува тежок предизвик против ланскиот финалист.
„По неколку натпревари и многу добри резултати во првенството, сега е момент малку да го оставиме првенството на страна и целиот фокус е на натпреварот во Купот против Струга. Иако е јасно дека главна цел на Шкендија е шампионската титула во ПМФЛ, секако целиме и на Купот. Од друга страна Струга единствена шанса за излез во Европа ја има токму преку ова натпреварување. Очекуваме да бидат многу мотивирани, а реално против Шкендија секој противник има дополнителен мотив.
Кај нас атмосферата во тимот е одлична поради добрите резултати, максимално сме подготвени и утре одиме по позитивен резултат. Форматот на Купот во оваа фаза носи само еден натпревар и победникот оди понатаму. Сакам да бидам внимателен со изјавите, но можам да кажам дека одлично се подготвивме и тоа треба да го покажеме на теренот. Шкендија оди на победа и пласман понатаму“, изјави Мелиќи.
Победникот од овој натпревар ќе обезбеди место во полуфиналето од Купот на Македонија. Оваа средба се игра утре од 14:30 часот на „Градскиот стадион“ во Струга.





