• Иван Димовски

Шкупи продолжува со својата борба за прва победа сезонава, но и за првите бодови во пролетниот дел од шампионатот. Досега тимот од Чаир има освоено само еден бод, токму во есенскиот дуел против Работнички, кој заврши со резултат 1-1.
Овие две екипи одиграа и пријателски натпревар во подготвителната фаза, во кој „романтичарите“ славеа со убедливи 5-2. Сепак, и покрај тешкотиите со кои се соочуваат оваа сезона, фудбалерите на Шкупи ветуваат максимум на теренот.
„Како и на секој натпревар, така и против Работнички ќе се бориме до последниот атом. Ние како фудбалери ќе го дадеме најдоброто од себе, без оглед на околностите и незавидната ситуација во која се наоѓа нашиот клуб. Наша должност е да останеме професионалци на теренот и да ја извршиме нашата работа најдобро што знаеме“, изјави капитенот на Шкупи, Амар Мелиќи.
Натпреварот меѓу Работнички и Шкупи ќе се одигра на стадионот „Тодор Проески“ со почеток во 12:00 часот.






