Мектоминеј го надмина и Роналдо: Еве ја висината на ударот при спектакуларните „ножички“ (ВИДЕО)

Фудбалската јавност и денови по големиот триумф сè уште зборува за спектакуларниот гол што го приреди Скот Мектоминеј во квалификациите за СП 2026. Играчот за врска на Наполи постигна ремек-дело уште во третата минута од дуелот со Данска која беше пресметка за билет на Мундијалот.

Шкотланѓаните славеа со 4-2 и изборија пласман на Светското првенство по првпат од 1998 година, а токму евроголот на Мектоминеј ја отвори победничката патека. Тој го искористи центаршутот на Бен Дук од десната страна и со мајсторски „ножички“ го совлада искусниот Каспер Шмајхел.

  • Страшните „ножички“ на Мектоминеј:

Импресивноста на погодокот дополнително ја потврдува податокот дека Мектоминеј ја удрил топката на висина од 2.53 метри, што е за 18 сантиметри повисоко од славниот обид на Кристијано Роналдо против Јувентус во Лигата на шампионите 2017/2018, постигнат на висина од 2.35 метри.

Долго се мислеше дека потегот на Португалецот е ненадминлив, сè до потегот на Мектоминеј кој со право ќе остане запаметен како еден од најубавите голови во историјата на квалификациите за Светско првенство.