• Саше Љолес
Поранешниот фудбалер на Манчестер Јунајтед, Пол Паркер, даде прилично остра и контроверзна изјава поврзана со играчот на „ѓаволите“, Мејсон Маунт, кој оваа сезона неколку пати беше повреден и одигра само 403 минути.
Паркер смета дека трансферот на Маунт е најлошиот во историјата на клубот, а воедно истакна дека тој не е на потребното ниво за да биде играч на славниот англиски гигант.
„Јас не знам ни на која позиција игра Маунт, но мислам дека не знае ниту самиот тој. Убедливо најлош трансфер во историјата на клубот, навистина не ми е јасно зошто за него беа платени 65 милиони евра.
Ист беше и во Челзи, иако таму прикажа подобри партии. Знам дека е добро момче, но не е на нивото за да игра во Јунајтед. Некогаш мислам дека не е повреден, туку едноставно не може да влезе во добра форма. Мислам дека мора да замине во друга средина по истекот на сезоната“, изјави Паркер.
Во дресот на Челзи, Мејсон Маунт одигра 195 натпревари и забележа учинок од 33 голови и 35 асистенции, но во Јунајтед „песната“ е сосема поинаква и досега постигна само еден гол во вкупно 31 одигран натпревар.